Помош и нега во домот
Статистички податоци: Според пресметките и проекциите на Обединетите нации, секое десетто лице во светот е старо лице со возраст над 60 години. Според истите податоци, се очекува до 2050 година, секое петто лице да биде старо лице со возраст над 60 години. Во креирањето на сликата за старото население, воопшто не изостанува и Република Северна Македонија која од неодамна го помина прагот на демографската старост. Со 15% старо население над 60 години, на Пописот во 2002 година, Република Северна Македонија го надминува коефициентот на старо население од 12%. Според овие податоци, припаѓаме во земјите со висок степен на застапеност на старо население во севкупното население кое што живее во РСМ.
Црвениот крст на Република Северна Македонија преку имплементација на активности за грижа на старите лица, дава активен придонес во севкупните напори кои се преземаат во државата за подобрување на квалитетот на животот на старите лица во заедниците.
Од јуни 2011 година Црвениот крст на РСМ започна со имплементација на Проектот Грижа за стари лица во домашни услови, со поддршка на Австрискиот ЦК и Австриската агенција за развој. Целта на проектот е придонес во подобрувањето на условите за живот на ранливите стари лица и зајакнување на здравствениот и социјалниот систем на старите лица во Република Северна Македонија. Од 2013 година континуирана поддршка на активностите обезбедува ЕВН Македонија. Со Проектот се опфатени вкупно 360 стари лица постари од 65 години во Скопје, Велес, Крива Паланка, Кичево, Дебар и Струга, кои живеат сами и се изнемоштени. Тие добиваат поддршка од страна на тим составен од медицинска сестра и волонтер кои пружаат психо – социјални и здравствени услуги.
Услугата „Помош и нега во домот“ во Општина Кичево започна со работа во 2022 година, со цел обезбедување поддршка и грижа за стари лица и лица со намалени функционални способности во нивниот дом. Услугата се реализира преку Општинската организација на Црвениот крст Кичево, во соработка со локалната самоуправа и надлежните институции од областа на социјалната заштита.
Покрај на територијата на Општина Кичево, Општинската организација на Црвениот крст Кичево во 2022 година, ја спроведува услугата „Помош и нега во домот“ и во Општина Македонски Брод, обезбедувајќи поддршка за корисниците и во оваа општина. На овој начин се овозможува поширока достапност на социјалните услуги за старите лица и лицата со намалени функционални способности, со цел тие да останат во својата домашна средина и да водат поквалитетен и подостоинствен живот.
Услугата ја спроведува стручен и обучен кадар составен од лиценцирани негуватели кои поседуваат соодветни знаења и вештини за работа со стари лица и лица со намалени функционални способности. На територијата на Општина Кичево услугата ја обезбедуваат 30 обучени негуватели, додека на територијата на Општина Македонски Брод ангажирани се 17 обучени негуватели. Негувателите континуирано работат на терен, обезбедувајќи квалитетна, навремена и индивидуализирана поддршка согласно потребите на секој корисник.
Услугата претставува значаен сегмент од системот на социјална заштита во Општина Кичево и Општина Македонски Брод и придонесува за унапредување на независното живеење, социјалната вклученост и достоинственото стареење на лицата кои имаат потреба од помош и нега во домашни услови.
Корисниците во домашни услови ги добиваат следните услуги:
- Мерење на шеќер во крвта;
- Мерење на крвниот притисок;
- Контакти со матичен лекар;
- Помош при земање на терапија;
- Помош при исхрана;
- Придружба при одење на лекар и прошетка и сл.;
- Разговори и различни активности за социјализација;
- Помош во купување на прехранбени продукти, лекови, средства за хигиена и сл.;
- Вршење на административни работи, вадење на документи и сл.











































